Додека македонската Влада не размислува за штедење, туку, напротив, го форсира трошењето како мерка што треба да ја извлече земјава од кризата, граѓаните, па и фирмите не ја следат оваа политика. Тие не инвестираат во нови куќи, станови, погони, не трошат многу, но затоа штедат се' повеќе. Ова го потврдуваат и податоците на Народна банка на Македонија, според кои, од месец во месец има постојан тренд на раст на депозитите во банките. Друго е прашањето од каде им се парите во време на криза? Заклучно со мај, вкупните штедни влогови во земјава изнесуваат 3,2 милијарди евра, или за 200 милиони евра повеќе од почетокот на годинава. За прв пат оваа година штедењето не е еднакво на вкупните кредити пласирани кај граѓаните и фирмите, кои заклучно со мај изнесуваат 2,9 милијарди евра. Досега обично важело правилото, колкава што била висината на штедни влогови, толкава била и висината на вкупните кредити.
Додека македонската Влада не размислува за штедење, туку, напротив, го форсира трошењето како мерка што треба да ја извлече земјава од кризата, граѓаните, па и фирмите не ја следат оваа политика.
Тие не инвестираат во нови куќи, станови, погони, не трошат многу, но затоа штедат се' повеќе.
Ова го потврдуваат и податоците на Народна банка на Македонија, според кои, од месец во месец има постојан тренд на раст на депозитите во банките. Друго е прашањето од каде им се парите во време на криза? Заклучно со мај, вкупните штедни влогови во земјава изнесуваат 3,2 милијарди евра, или за 200 милиони евра повеќе од почетокот на годинава. За прв пат оваа година штедењето не е еднакво на вкупните кредити пласирани кај граѓаните и фирмите, кои заклучно со мај изнесуваат 2,9 милијарди евра. Досега обично важело правилото, колкава што била висината на штедни влогови, толкава била и висината на вкупните кредити. Ова покажува дека граѓаните и компаниите сега повеќе штедат, а помалку земаат кредити. Во тоа им помогнаа и банките со тоа што многу тешко одобруваат нови заеми.
Деновиве се наметнува и едно друго прашање откако банките почнаа да ги намалуваат каматите на кредитите, што неминовно повлече и пад на каматите на штедните влогови, дали тоа негативно ќе се одрази врз растот на штедењето? Сепак, банкарите не очекуваат да се промени овој тренд, бидејќи, според нив, за граѓаните и за фирмите е поважна сигурноста на банкарскиот систем отколку каматите.
„Поради постојаната медиумска покриеност на глобалната економска криза и ефектите од неа врз македонската економија, голем дел од компаниите и граѓаните ги одложија инвестициите со што слободните средства ги депонираа во банките. Банките со своите разновидни производи приспособени на секој еден клиент овозможија населението и компаниите да се чувствуваат посигурни во својот избор на штедење. Во истражувањето што го спроведе Стопанска банка меѓу корисниците на банкарски услуги во Македонија се покажа дека кај штедачите најбитни фактори при избор на банка за штедење се сигурноста, поволните каматни стапки и доверливоста на банката. Причините за штедење што ги наведува населението се за неочекувана потрошувачка во иднина, за образование, за купување дом и за одмор“, велат од Стопанска банка. Од оваа банка појаснуваат дека кај нив повеќе се штеди во денари, додека на ниво на вкупни депозити, за многу мал процент е поголема заштедата во странска валута.
„Каматните стапки за денарските депозити остануваат поатрактивни од оние кај депозитите во евра, па оттука и обемот на штедење во денари е поголем од оној во странска валута. Населението во континуитет ја одржува довербата во домашната валута што придонесува кон обемот на штедење во неа. Од странските валути преовладува еврото, а другите валути најчесто се појавуваат кај наменски депозити и во помал обем. Кај рочноста на депозитите преовладуваат орочените депозити на 12 месеци и неорочените штедни сметки. Со неколкукратното намалување на каматната стапка на благајничките записи се намалија каматните стапки на денарските депозити, но тоа не предизвика трансформирање на структурата“, објаснуваат во Стопанска банка.
И во другите банки очекуваат штедењето да расте, ако минатата година депозитите пораснале за 7 отсто, годинава се очекува растот да изнесува 10 отсто. „Се подобруваат движењата во првиот семестар од годинава и очекуваме и натаму да растат депозитите. Штедењето не зависи од висината на каматите, туку од стабилноста на банкарскиот сектор“, велат од Прокредит банка.
Минатата недела поголемиот дел од банките со намалувањето на каматите на кредитите ги намалија и каматите на депозитите. НЛБ Тутунска банка ги намали каматите на штедните влогови од 0,3 до 1 процентен поен, а Комерцијална банка од 0,1 до 0,4 отсто. Во Стопанска банка засега нема намалување на каматата за депозитите.